Симон го испоти Федерер, Швајцарецот сепак во полуфинале

Роџер Федерер со 2-1 во сетови (7-6, 4-6, 6-4), го совлада францускиот тенисер Жил Симон, во четвртфиналната пресметка на АТП турнирот во Базел. Швајцарецот така ја продолжи низата пласмани меѓу најдобрите четири тенисери на овој турнир, која трае од 2003 година.

Французинот добро го намачи Роџер на стартот од средбата, му направи брејк веќе на првиот негов сервис, и поведе со 4-1. При резултат од 5-2 Федерер успеа да освои три гема по ред, па на тајбрејк со 7-1 го направи пресвртот и стигна до предност од 1-0 во сетови.

Двајцата тенисери во вториот сет си одзема по два сервиси, неизвесно беше сѐ до 4-4, а потоа Симон изненади со четвртиот направен брејк, и израмни на 1-1. Meѓутоа, фуриозниот старт во решавачкиот сет и предноста од 4-1 за Федерер, беше знак дека Швајцарецот ќе игра ново, 14-то по ред полуфинале во неговиот роден град, иако Симон успеа да се врати и да израмни на 4-4.

Победникот од мечот Циципас – Медведев, ќе биде следниот ривал на Федерер на турнирот во Базел. Претходно Александар Зверев со 2-0 во сетови беше подобар од Роберто Баутиста-Агут, па во полуфиналето ќе игра против Романецот Маруис Копил.

- Оглас -

Најнови вести