Диего Армандо Марадона Јуниор даде интересно мислење за споредбата меѓу својот татко и актуелниот клучен играч на Наполи, давајќи исклучително висока оценка за Скот Мектоминеј.
„По татко ми, Мектоминеј е најдобриот играч во историјата на Наполи. Во Наполи имавме Бог во ликот на Диего Армандо Марадона, но за мене Мектоминеј е Исус.“, изјави синот на легендарниот Марадона.
Досега Мектоминеј има 11 гола и четири асистенции на 36 официјални натпревари за тимот, а во петокот го постигна победничкиот гол за важната победа од 1:0 против Каљари.
Диего Армандо Марадона е апсолутна легенда на италијанскиот клуб. Само неколку часа по неговата смрт од срцева слабост во ноември 2020 година, стадионот „Сан Паоло“ беше преименуван во негова чест. Иако Аргентинецот играше за Наполи само во периодот од 1984 до 1992 година, тоа останува најуспешната ера во историјата на клубот.
Тимот со него освои две титули во Серија А, еден Куп на Италија, еден Куп на УЕФА и еден Суперкуп на Италија. Мурали со неговиот лик и денес се наоѓаат низ улиците на Неапол.

