Сите мислат на бонуси, Локјер мудро си вметнал клаузула за испаѓање

Велшкиот репрезентативец Том Локјер може да си замине без отштета од Чарлтон по испаѓањето на клубот од Чемпионшип во Лига 1 во Англија.

Локјер при потпишувањето на двегодишниот договор, лани во јуни, мислел и на евентуално испаѓање и заедно со агентот што го застапува инсистирале да има и клаузула според која, играчот може да си замине бесплатно ако Чарлтон не успее да опстане во Чемпионшип.

И токму тоа и се случи во првата сезона што стоперот роден во Кардиф ја играше за Чарлтон. Во последното коло им требаше еден бод против Лидс, но загубија на „Еланд роуд“ со 4:0 и испаднаа.

Локјер одигра 43 натпревари за клубот во сезоната што заврши вчера и беше меѓу најдобрите во Чарлтон. За него има интерес и од клубови од Премиер лигата, но најконкретни се Кардиф и Свонси, екипи кои ќе играат плејоф за третиот билет што води од Чемпионшип во најсилната англиска лига.

 

- Оглас -

Најнови вести