Уште трае расправата околу продолжувањето на сезоната во Премиер лигата, која најверојатно ќе дочека рестарт на 1 јуни. Како една од опциите за доигрување на преостанатите 92 натпревари беше сите да се одржат на неколку неутрални терени, на што се противеа екипите кои се борат за опстанок.
Сепак, излезе дека повеќето премиерлигаши се против таа идеја, односно сите преферираат да ги доиграат натпреварите на традиционален начин, без разлика што ќе нема публика.
„Речиси сите преферираат натпреварите да ги одиграат на домашен терен и на гостински, како што беше досега. Разликата е во тоа што ставовите на некои екипи се јавно истакнати, додека останатите засега молчат. Како и да е, наша должност е да работиме на планот и да ги смислиме најдобрите услови за продолжување на сезоната“, истакна извршниот директор на ПЛ, Ричард Мастерс.
Познато е дека Брајтон, Ватфорд, Астон вила, Вест хем, Норвич и Борнмут се екипите кои јавно изразија незадоволство околу овој план.

