Сити му покажа на Челзи кој е шампион, Астон вила го шокираше Јунајтед на „Олд Трафорд“

Манчестер сити минимално со 1:0 го победи Челзи и тоа на „Стемфорд бриџ“ во дербито на двата тима кои минатата сезона се радуваа на многу значајни трофеи. Шампионот Сити со оваа победа му се реваншираше на Челзи, кој победи во финалето од Лигата на шампиони, па трофејот од елитното европско натпреварување заврши во лондонските витрини.

Габриел Жезус погоди во 53 минута и тоа беше доволно за Граѓаните да си заминат со трите бода од тешкото гостување. Победата на Сити е сосема заслужена ако се гледа и статистиката која вели дека гостите имаа 60 отсто посед на топка, упатија дури 15 шута кон противничкиот гол од кои четири беа во рамките. Челзи за 90 минути немаше ниту еден прецизен удар кон голот на Сити, а домаќините изведоа само четири корнери за разлика од противникот кој имаше дури 15 удари од аголот.

Големо изненадување се случи на „Олд Трафорд“ каде Манчестер јуанјтед загуби од Астон вила со 1:0. До 88 минута немаше погодоци, а потоа се случи драма. По еден корнер на гостите, Хаус со глава погоди за радост на Астон вила. Манчестер не се предаде и во судиското надополнување домаќините добија пенал, откако токму Хаус играше со рака во казнениот простор на гостите.

Бруно Фернандеш ја превзема одговорноста да шутира од белата точка, но неговиот удар заврши високо над голот.

- Оглас -

Најнови вести