Скалони ги враќа Меси и Ди Марија, ги отпиша Икарди, Игуаин и Агуеро

Враќањето на Лионел Меси во националниот фудбалски тим е главната спортска вест на денот во Аргентина. Иако ова не е изненадување, се очекуваше Меси повторно да го облече дресот на репрезентацијата, сега е и официјално, па ѕвездата на Барселона ќе заигра за својата земја по 265 дена пауза.

Меси се наоѓа на листата на играчи на кои смета селекторот Лионел Скалони за контролните мечеви против Венецуела во Мадрид на 22-ри март и на 26-ти март на гостински терен против Мароко (за Меси не се знае дали ќе игра против Мароко). Скалони го врати и Анхел ди Марија, кој исто така нема играно за „албиселесте“ од Светското првенство наваму.

Од друга страна, на листата ги нема напаѓачите Мауро Икарди, Гонзало Игуаин и Серхио Агуеро. Скалони повика и двајца играчи од домашното првенство, за кои аргентинските медиуми велат дека се изненадувања на листата.

„Некои играчи заслужија внимание и повик. Сите што ги повикав, се во добра форма. За Меси не се знае дали ќе игра и во Мароко, или само против Венецуела. Листата за Копа Америка ќе биде поинаква бидејќи сега имаме некои повредени играчи“, објасни Скалони.

- Оглас -

Најнови вести