Предвреме скокнаа, па сега офкаат – Белгијците ќе преговараат со УЕФА да нема санкции

Мехди Бајат, претседателот на белгискиот фудбалски сојуз изјави дека разговарал со првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин за да се најде компромисно решение.

Белгијците донесоа одлука Бриж да биде прогласен за шампион во сезоната што предвреме ја завршија, но сега стравуваат од санкции од УЕФА.

„На прагот сме да најдеме решение и ќе го претставиме пред Извршниот Одбор на УЕФА“ изјави Бајат.

УЕФА реагираше на одлуката на Белгијците да ја завршат сезоната со изненадувачка одлука Бриж да биде прогласен за шампион и покрај насоките да се стори се за да се завршат домашните шампионати на регуларен начин во периодот кога беснее епидемијата со Коронавирус.

Препораката на европската куќа на фудбалот да се продолжат натпреварите и да се проба да се завршат домашните првенства до 30 јуни им беше соопштена на сите 55 европски фудбалски федерации во средата, а само 24 часа подоцна Белгијците донесоа сосема спротивна одлука.

Сега во опасност им се местата во европските купови за следната сезона, а УЕФА има механизми да ги исфрли белгиските клубови од Лигата на шампионите и од Европа Лигата.

Челниците на белгиската федерација се разбудија, малку и доцна, бидејќи сега би било смешно да си ја поништат одлуката и да ја продолжат сезоната, па мора да се лобира и преговара за да се игра следната сезона во ЛШ и во ЛЕ.

- Оглас -

Најнови вести