Скромно, нема што – Куман се истакна: Благодарение на мене, Барселона има иднина

Роналд Куман го искара претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, и предизвика лавина од реакции и коментари. Холанѓанецот чека продолжување на договорот, а се пофали дека благодарение на него, клубот има светла иднина.

„Мислам дека претседателот премногу говори работи што не се во интерес на клубот. Сугерира дека тренерот на Барселона не треба да има полна моќ. Но, и понатаму сме во контакт за продолжување на договорот. Можам да кажам дека благодарение на мене и мојата работа, Барселона има светла иднина“, изјави Куман.

Скромно, нема што, од тренерот со кого Барселона од лани, кога пристигна на кормилото на клубот, освои само еден пехар, со победа во шпанскиот куп против Атлетик Билбао.

Куман има договор што важи до јуни идната година и како што самиот најави, очекува да биде продолжен.

„Сите очекуваат во ваква ситуација, кога Барселона има финансиски проблеми и остана без Меси и Гриезман, веднаш да се освојуваат трофеи. Во моментов можеби не сме главни кандидати за пехарите во Лигата на шамопионите и во Ла Лига, но имаме фудбалери како Педри, кои за неколку години пак ќе освојуваат титули“, додаде Куман.

Во играчката кариера како фудбалер на Барселона, Куман имаше огромни успеси и освои вкупно 10 трофеи. Четирипати беше првак на Шпанија, по еднаш го креваше пехарот во Купот на европските шампиони, или како што сега е познат како Лига на шампиони, и во Суперкупот на Европа, има три пехари во шпанскиот Супер куп и еден во Копа дел Реј.

 

 

- Оглас -

Најнови вести