Словенија и Србија во Париз ќе се борат за европската титула во одбојка. Малку кој очекуваше дека ќе има балканско финале, но овие две селекции покажаа дека може да победат било кого и заслужено се во борба за златото.
Србија знае како е да се освојуваат најсјајни одличја на големите натпреварувања, но сепак во полуфиналето беа аутсајдери против домаќинот Франција. Иако против себе ја имаа и публиката, избраниците на селекторот Слободан Коваќ одиграа одлично и ја добија битката во пет сета.
„Позитивна енергија има во цела екипа, а сега треба да го направиме најважниот чекор. Имавме направено статистика за екипата на Словенија уште пред да го играме полуфиналето, што значи дека веруваме во нашите можности“, вели Коваќ.
Иако се фаворити во финалето, одбојкарите на Србија знаат дека ќе ги чека тешка задача.
„Словенија има квалитетна екипа. Ние мора да одиграме како што одигравме против Франција. Противникот заслужува респект, бидејќи ги елиминираа шампионите во Светска лига и светските прваци. Сепак, ние се надеваме дека може да стигнеме до златото“, вели Урош Ковачиќ.
Словенија е вистинско чудо на првенството. Во групната фаза загубија од Македонија, но потоа како да сфатија дека секој секого може да победи. До полуфиналето го имаа домашниот терен, публиката која ги понесе во победите против Русија и Полска, но сега финалето е во Париз.
Словенија има многу лош биланс во дуелите со Србија и има девет порази на последните 10 меѓусебни средби. Сепак, ова е финале, еден меч, инспирација која може да биде клучна и да ги однесе до златото.
Финалето почнува во 17:30 часот.