Со Хичкок на клупата Едмонтон е страв и трепет во НХЛ

Кен Хичкок донесе пресврт во играта и особено во однесувањето на хокеарите на Едмонтон, кои играат како препородени под команда на новиот тренер.

Ноќеска популарните Ојлерс ја декласираа Минесота со 7:2 и имаат одличен скор од 6 победи и три порази, откако на 21. ноември на клупата им пристигна Хичкок.

Особено добро играат младите напаѓачи Конор Мек Дејвид и германскиот репрезентативец Леон Драисајтл. Мек Дејвид постигна еден гол и имаше три асистенции против Минесота, а Драисајтл двапати беше прецизен и еднаш асистираше.

По еден гол постигнаа и Наџент Хопкинс, Касијан, Чијасон и Нурс за вистинско хокеарско шоу во Едмонтон и победа на „нафташите“ од 7:2.

Со победата Едмонтон се израмни со Минесота на делба на деветтата позиција во Западната конференција со по 32 бода.

Конор Мек Дејвид со учинокот од 4 поени според НХЛ таблицата (гол и 3 асистенции) се проби на четвртото место со вкупно 40 поени и комбинација од 15 голови и 25 асистенции.

- Оглас -

Најнови вести