Со нетрпение ја чекаме 2021 година, Македонија ќе игра на ЕП – Тбилиси вечно ќе го паметиме, им се радуваме на Букурешт и Амстердам (Фото+Видео)

Проблематичната 2020 година, исполнета со многу неизвесност по големата пандемија со корона-вирусот, ни донесе и многу радост, фудбалска еуфорија и голем успех со историскиот пласман на македонската репрезентација на Европско првенство што ќе се игра идната година од 11 јуни до 11 јули.

Македонија е шампион во Сегментот Д во Лигата на нациите, означи англискиот судија Ентони Тејлор на стадионот „Борис Паичаѕе“ во Тбилиси, некаде околу 20 часот на 12 ноември.

Испишавме историја по цели три децении од самостојна Македонија. Филигранската акција на нашите Аѕури од Серија А, Елмас-Несторовски-Пандев во 56-тата минута ја крена земјата на нозе.

Конечно игравме фудбал достоен за пат на големо натпреварување, предводени од големата македонска, но и светска ѕвезда Горан Пандев.

„Долго сонував ваков успех. Конечно ми се исполни сонот на крајот од кариерата, на 38 години. Нека се радува Македонија, заслуживме и успех и фудбалска радост по цели треи децении чекање“, изјави лидерот на историската генерација македонски фудбалери, веднаш по мечот во Тбилиси.

Нема публика на стадионот на Динамо во Тбилиси, но и тоа не проблем за песна, за оро, за еуфорија и на трибините и на теренот.

Малата фудбалска експедиција составена од новинари и членови на Управниот одбор на ФФМ грмеше на трибините во чест на хероите, на исполнување на сонот на сите генерации фудбалери и фудбалски работници, навивачи, обични луѓе, за цела Македонија.

На терен јунаците со песна шампионски се одјавија и најавија нови мименти на радост што не чекаат на ЕП во 2021 година.

Еуфорично беше и во Македонија, конечно ќе играме на големо натпреварување во друштво со фудбалскиот крем на Стариот континент.

Густата магла во Скопје и принудното слетување на аеродромот во Приштина во утринските часови на 13. ноември го одложи еуфоричниот дочек на нашите фудбалски херои, од армијата фудбалски симпатизери, но тоа е само неколкумесечно одложување.

Букурешт и Амстердам очекуваа македонска фудбалска инвазија во јуни. Ќе играме во главниот град на Романија со Австрија на 13. јуни и со Украина четири дена подоцна, а потоа се селиме во Холандија на „Јохан Кројф“ арена каде не чека фудбалската велесила во последниот меч во фазата по групи на 21. јуни.

Во очекување на европското првенство македонската репрезентација има пред себе и квалификациски натпревари за пласман на Мундијалот во Катар, па 2021 година ќе биде историска и волшебна за армијата фудбалски симпатизери во нашата земја.

Ждрепката на 7. декември ни го донесе за противник четирикратниот светски првак Германија, селекција со која за првпат ќе играме во квалификациски циклус, а покрај нив противници ќе ни бидат и Романија, Исланд, Ерменија и Лихтенштајн.

Македонија ја очекува работна 2021 година со најмалку три натпревари на ЕП и уште 10 во квалификацискиот циклус за настап на СП во Катар 2022 година.

 

 

- Оглас -

Најнови вести