Со поразот во Ел Класико, Чави го тестира трпението на навивачите и управата на Барселона

Убедливиот пораз на Барселона со 1:4 од Реал Мадрид во шпанскиот Супер куп ги разочара навивачите на каталонскиот тим кои сметаат дека главен виновник за дебаклот и лошата игра е тренерот Чави Ернандес, но засега така не мисли управата.

Поразите од најголемиот ривал секогаш се болни и поради тоа, но и поради неубедливите игри сезонава, навивачите сметаат дека Чави треба да добие отказ и спасот на сезоната да се бара со друго решение на клупата.

Но, управата предводена од претседателот Жоан Лапорта и понатаму му верува на Чави, кој минатата сезона ја освои титулата во Ла Лига и му пружа максимална поддршка.

Јавно поддршка му дадоа и потпретседтелот Рафа Јусте и спортскиот директор Деко, кои сметаат дека драстични одлуки не треба да се носат на средина од сезоната туку на крајот.

Но, според медиумите, доколку продолжат лошите резултати и игри во следните неколку недели, тогаш нема да претставува изненадување доколку Чави добие отказ.

Чави има договор со Барселона до 2025 година, а тимот сè уште е во игра за освојување на три трофеи – за титулата во Ла Лига, во осминафиналето од Лигата на шампионите ќе игра против Наполи, а сè уште е во игра и за триумф во шпанскиот Кралски куп.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести