Со промените на ФИФА, репрезентација која не е ни во Топ 100 ќе има загарантиран пласман на Мундијалите

Светското првенство кое за шест месеци ќе стартува во Катар, ќе биде последно на кое ќе учествуваат 32 селекции. Веќе од Мундијалот во 2026 година, бројот на учесници ќе биде зголемен на 48, а тоа најмногу ја радува репрезентацијата на Нов Зеланд.

Според новите промени на ФИФА, на Мундијалите загарантирано едно место ќе добие Океанија, каде што суверено владее репрезентацијата на Нов Зеланд. Во квалификациите за СП, Нов Зеланд без проблеми ги победува ривалите од својата конфедерација, но за пласман на СП треба да игра бараж со четвртопласираната селекција од Средна и Северна Америка, а тоа е Костарика.

Нов Зеланд последен пат беше дел од планетарните собири во 2010 година, кога во баражот за пласман на Мундијалот го елиминираа Бахреин, а на турнирот на најдобрите заврши со три нерешени резултати. Претходно Нов Зеланд на СП учествуваше само уште во 1982 година, а според новиот систем на ФИФА, од 2026 година ќе има загарантирано место, со оглед на тоа дека откако Австралија во 2007 година реши да се префрли во Азиската конфедерација, Нов Зеланд нема достоен ривал во својата конфедерација.

Според новите правила и зголемениот број учесници на Мундијалите, Европа од досегашните 13 ќе има 16 претставници, Африка наместо досегашните пет, ќе има девет репрезентации, додека Јужна и Северна Америка од четири ќе добијат вкупно по шест учесника. Азија наместо досегашните четири селекции, ќе добие вкупно осум претставници на Мундијалите.

Ќе профитираат сите, но Нов Зеланд најмногу затоа што оваа репрезентација нема достојни ривали со противници како Фиџи, Тахити, Соломонски Острови… Едноставно, Нов Зеланд, кој моментно е на 101-вото место на ФИФА-листата, ќе стане редовен учесник на завршницата на Светските првенства.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести