Солскјер има нов голем проблем – Толерирал потенцијален силувач кога бил тренер на Молде

Оле Гунар Солскјер е под сè поголем притисок поради скромните резултати со Манчестер јунајтед, но и со аферата во која не е директно вмешан во неговата земја Норвешка, но е опасна за него од морален аспект.

Во интервју за англиските медиуми жена која тврди дека била само една од жртвите на силувачот Бабакар Сар, некогашен играч на Молде под команда на Солскјер, вели дека Оле нема човечки квалитети да води екипа каква што е Манчестер јунајтед, дури и каква било екипа или да биде лидер на група луѓе.

„Одбиваше да го изостави Сар од тимот дури и кога судскиот процес беше во тек. Фудбалерот ме силуваше, а беше капитен на Молде. Тоа е срамно и неморално од Солскјер. Тој не може да биде никаков авторитет и лидер на никаква екипа или група луѓе“, вели жртвата од Норвешка.

Приказната ја потврдуваат и останатите жртви на Сар, кој по големиот притисок на јавноста во Норвешка, си замина од Молде и сега го има стаусот бегалец пред правдата, иако судски не е докажано дека силувал.

„Со солзи во очите излегов од суд бидејќи мојата ќерка беше силувана од Сар, а тој истата вечер беше капитен на Молде. Се молев барем да не игра, но Оле одбиваше да го изостави од тимот. Се јадев во себе бидејќи сум долгогодишен фан на клубот за кого со капитенска лента на раката играше силувачот на мојата ќерка“, вели таткото на една од жртвите.

Аферата имаше големи размери во Норвешка, па дури на мечевите на Молде додека Сар беше во тимот противничките навивачи истакнуваа пароли против неморалниот чин на клубот да го толерира Сенегалецот.

Сега аферата во која Оле може да биде виновен само од морален аспект се рашири и надвор од Норвешка, што е уште еден голем проблем за тренерот на Манчестер јунајтед.

- Оглас -

Најнови вести