Солскјер кажа што е планот за до крајот на сезоната, но дали е реален?

Манчестер јунајтед може да стигне и до третото место во Премиер лигата, смета менаџерот Оле Гунар Солскјер. Норвешкиот стратег верува дека „црвените ѓаволи“ имаат сила да бидат на позиција која води во Лигата на шампионите за следната сезона, но мора да се исполни планот кој тој го има зацртано.

Најтрофејниот англиски клуб моментно е на шестото место во првенството со 61 бод, но е во трка со третопласираниот Челзи (66 бодови), Тотенхем (64) и Арсенал (63 бодови). Третиот и четвртиот ќе обезбедат место кое води во Лигата на шампиони за следната сезона. До крајот на првенството, Манчестер треба да одигра уште шест меча.

„Треба да освојуваме бодови до крајот на првенството и верувам ако успееме да освоиме 15 бодови, на крајот ќе бидеме меѓу најдобрите три екипи на табелата.Сега сме фокусирани на мечот против Вест хем“, рече Солскјер, кој за мечот против лондонскиот ривал нема да може да смета на суспендираните Лук Шоу и Ешли Јанг, како и на повредените Немања Матиќ и Андре Ерера.

Освен во првенството, Манчестер уште е во игра и во Лигата на шампионите, каде по првиот меч од четвртфиналето има негатива од 0:1 против Барселона. Реваншот со каталонскиот гигант е следната недела на „Камп Ноу“.

 

- Оглас -

Најнови вести