Солскјер само петти тренер на Манчестер јунајтед со ваков ефект

Оле Гунар Солскјер го прероди Манчестер јунајтед. Норвешкиот стратег го врати тимот на победнички патеки добивајќи ги двата меча на кои седеше на клупата. Интересно е што претходно само четворица тренери на Манчестер јунајтед имале две победи по ред откако биле назначени за тренери.

Тиџеј Вулрат, сер Мат Бизби, Дејв Секстон и неодамна отпуштениот Жозе Мурињо започнале со две победи по ред, а сега им се приклучи и Солскјер. Тој започна со победата од 5-1 на гости кај Кардиф, а вчера на свој терен беше подобар и од Хадерсфилд со 3-1. Иако вчера победи, Солскјер имаше забелешки на играта.

„Тоа не беше нашиот најдобро одигран меч. Малку бевме бавни во првите 20 минути, но потоа влеговме во ритам и дадовме три гола. Де Хеа во вистински момент имаше одлични интервенции и тоа многу ни помогна“, рече Солскјер.

Следниот предизвик за Солскјер и Манчестер е дуелот против Борнмут кој на 30-ти декември ќе се игра на „Олд Трафорд“.

- Оглас -

Најнови вести