Сонот му стана кошмар: Детето кое доби дрес од Меси, сега живее во постојан страв

Муртаза Ахмеди е детето од Авганистан кое стана светски познато откако носеше импровизиран дрес од кеса на кое стоеше бројот 10 и пишуваше Меси. Тие фотографии стигнаа и до ѕвездата на Барселона, Лионел Меси, па Аргентинецот тогаш реши да му го оствари сонот на детенцето.

На меч кој беше одигран во Дубаи, малиот Муртаза беше специјален гостин на Меси. Пред почетокот на мечот, Меси го изнесе детенцето на теренот, а потоа еден цел ден поминаа заедно. На крајот, во знак на спомен, Меси на Муртаза му подари дрес со потпис и фудбалска топка.

Тогаш Муртаза имаше само шест години и беше едно од најсреќните деца во светот. Сепак, сега само две години подоцна, ситуацијата целосно е сменета. Животот на детенцето се претвори во кошмар. Поради немирите во Кабул, семејството на Муртаза мораше да замине во Пакистан, но поради сиромаштија, брзо се вратија во главниот град на Авганистан, каде што се води војна. Сега ова семејство живее во изнајмена соба.

„Ми недостасува куќата. Овде немам ни топка, не можам да играм фудбал, бидејќи постојано се слушаат експлозии. Дресот и топката ми останаа дома, затоа што моравме веднаш да заминеме, а мајка ми рече да оставиме се дома“, раскажува малиот Муртаза.

Талибанците го бараа детето со закана дека ќе го убијат бидејќи тие не толерираат некој да сака фудбал. Се заканија дека ќе го киднапираат и дека ќе го убијат. Поради овие закани, малиот Муртаза не смее да излезе ниту на улица и да си игра со другарчињата, бидејќи неговите родители живеат во страв дека некој може да го киднапира.

Сега Муртаза има само еден сон, а тоа е повторно да го види Меси. „Се надевам дека повторно ќе го видам Меси“, рече малиот Авганистанец, кој е вљубен во фудбалот, но, за жал, војната и немирите во неговата земја му го одземаат правото да се радува на топката.

 

 

- Оглас -

Најнови вести