Српскиот првак Црвена ѕвезда обезбеди нов историски пласман во групната фаза од Лигата на шампионите откако на домашен терен го победи Бодо/Глимт со 2-0. Со тоа ја анулира негативата од 2-1 во првиот меч во Норвешка.
По натпреварот, капитенот Урош Спајиќ, кој беше стрелец на вториот гол, емотивно се обрати кон оние кои им упатуваа навреди на фудбалерите по поразот на првиот натпревар.
„Многу тежок натпревар за подготовка. Последниве денови бевме многу омаловажувани, доведувани во прашање, да не бидам брутален, најблаго речено. Навивачите од тастатура нè споредуваа со ‘фиќо’, се споменуваше дека ние сме желки, а тие се брзи како ‘ферари’. Не знам што се случи сега, дали пукна гумата на ‘ферарито’, но покажавме каде припаѓаме и кое е нашето место“, изјави Урош Спајиќ за „РТС“.
„Им благодарам на искрените навивачи на Ѕвезда кои беа на стадионот, не на оние мајстори кои чекаат на сајтови да нè омаловажуваат и да не навредуваат. Нека им служи на чест, Ѕвезда е над секој поединец. Местото на Ѕвезда е меѓу најдобрите, среќен сум како капитен што се пласиравме во Лигата на шампионите“, истакна капитенот на Црвено-белите.