Спартанците тргнаа со пораз на премиерата на ЕП – Финска ја победи Македонија со 3:1 (Видео)

Македонските одбојкари го почнаа настапот на Европското првенство со пораз од 1:3 против домаќинот Финска во Тампере.

Популарните Спартанци имаа шанси за подвиг, но клучни за поразот беа пропуштената предност од 4 поени во првиот сет и потоа и од 3 позитива во следниот сет.

Го добивме третиот сет со 26:24 по вистинска драма, но Финците успеаја да се вратат во игра, да го добијат последниот сет со 25:22 и да победат со 3:1, по сетови 25:20, 25:15, 24:26 и 25:22

Во стартниот сет Македонија водеше со 10:6, но потоа дојде првата криза на мечот за нашите одбојкари. Финците со четири поени по ред израмнија, а потоа нашите одбојкари поведоа со 15:13, но не успеаа да го освојат првиот сет.

Со серија од 12:5 домаќините поведоа со 1:0 во сетови, а слично беше сценариото и во продолжението. Спартанците поведоа со 6:3 на стартот од вториот сет, но го загубивме дури со 10 поени разлика, 25:15.

Во третиот сет конечно нашите одбојкари како да се опуштија, веќе немаше што да се загуби, а вистинска драма имаше во Тампере.

Финците водеа со 18:15 и се чинеше дека лесно ќе го завршат мечот, но Македонија се врати во игра и поведе со 21:20. Домаќините имаа и меч топка на 24:23, а со серија од три поени сепак успеавме да намалиме на 1:2.

И во последниот сет беше возбудливо, а стандардно Македонија повторно почна одлично, водевме со 4:2, потоа и со 7:6, но тука тргна новата финска серија. Поведоа со 14:10, па напите одбојкари израмнија на 14:14 и тука се случи разврската што не беше поволна за нас. Финска поведе со 18:15 и потоа сигурно до крајот на сетот и мечот ја одбрани предноста за победа од 3:1.

Вториот меч на ЕП ќе го играме со Холандија задутре од 19 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести