Спектакл во Бари, Полска со пресврт и маратонски сет ја победи Србија за полуфинале на ЕП

Одбојкарската репрезентација на Полска, која групната фаза на Европското првенство ја одигра во Скопје, е третиот полуфиналист откако во фантастичен меч ја совлада селекцијата на Србија.

Во меч во којшто беше одигран и маратонски сет, Полска славеше со 3-1 во сетови, и тоа со 26:28, 25:15, 36:34, 25:17, и си закажа полуфинална пресметка со Словенија, која вчера во четири сета ја победи Украина.

Првиот сет ѝ припадна на Србија, и тоа со 28:26 откако претходно Полјаците не успеаја да реализираат двете сет топки. Србите со серија од 3:0 од 25:26, дојдоа до 28:26 и водство од 1-0 во сетови.

Полјаците во вториот сет покажаа зошто се прва репрезентација на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација и славеа со убедливи 25:15.

Во третиот сет се одиграа дури 70 поени, а на крајот се радуваа Полјаците. Ниту една репрезентација немаше повеќе од два поена предност, Србија имаше три сет топки, додека Полска ја искористи дури осмата сет топка за 36:34 и водство од 2-1 во сетови.

Во четвртиот сет, Полјаците откако дојдоа до три поени предност (12:9), не го испуштија водството и на крајот славеа со 25:17 и се пласираа во полуфиналето.

- Оглас -

Најнови вести