Спировски сака да се врати во Унгарија, Хонвед е можната следна дестинација

Хонвед и Диожѓер го обновија интересот за македонскиот репрезентативец Стефан Спировски, кој стана слободен играч, откако спогодбено го раскина договорот со Хапоел Тел Авив.

Спировски замина во израелскиот клуб токму по двегодишната успешна авантура во унгарскиот фудбал, како член на Ференцварош. Со популарниот Фради освои една титула, а клубот е рекордер во Унгарија со вкупно 30 титули.

„Минав две прекрасни сезони во Ференцварош и повторно би играл со задоволство во Унгарија. Планирам да живеам тука и не е невозможно да ја продолжам и кариерата во оваа земја. Имаше интерес од Хонвед и Диожѓер пред да заминам во Израел. Ќе видиме што ќе се случува понатаму“, вели 29-годишниот македонски репрезентативец.

Хонвед со 14 шампионски круни е четвртиот најтрофеен клуб во Унгарија, зад поранешниот тим на Спировски, Ференцварош со 30 пехари, МТК со 23 и Ујпешт со 20 титули.

И за него ќе биде добро што поскоро да најде клуб, бидејќи Македонија го очекува полуфиналниот меч со Косово во Д сегментот од Лигата на Нации што треба да се игра во Скопје.

Спировски има одиграно 31 меч за нашата А селекција и е важна алка во соатавот на Македонија која има шанси со две победи да се пласира на првото големо фудбалско натпреварување, ЕП што ќе се игра следната година.

- Оглас -

Најнови вести