Србите, Шпанците и Хрватите во борба за „новиот Дончиќ“

Најталентираниот кошаркар во Европа од генерацијата 2001, Марио Накиќ, уште нема одлучено дали ќе игра за репрезентацијата на Хрватска, Србија или Шпанија. Крилото на Реал Мадрид го нарекуваат новиот Лука Дончиќ, беше МВП на јуниорската Евролига (во финалето против Мега Бемакс даде 33 поени), а може да игра за која било од овие три земји.

Балканот е непресушен извор на кошаркарски таленти, а испреплетените корени доведуваат до вакви ситуации играчите да не знаат за која репрезентација да се решат бидејќи може да бираат меѓу две, па и три, како Накиќ.

Лука Дончиќ ја одбра Словенија, во која е роден и од каде што е мајка му, а сега на ред да бира е Марио Накиќ, синот на некогашниот играч на Партизан, Хрватот Иво Накиќ. Марио е роден во Белград, а мајка му е Зорица, бившата жена на некогашниот тенисер Слободан Живојиновиќ (сега сопруг на пејачката Лепа Брена). Четири години живее во Мадрид, па не е исклучено да игра за „црвената фурија“ и да тргне по стапките на Црногорецот Никола Миротиќ.

Следната сезона Накиќ би требало да биде во првиот тим на Реал, а потоа веројатно ќе се појави на НБА-драфтот.

- Оглас -

Најнови вести