Сребрениот медал на Германецот кој заедно со Џеси Овенс му пркосеше на Хитлер на ЛОИ во Берлин продаден за речиси 500.000 долари

Сребрениот медал што го освои германскиот скокач во далечина, Лук Лонг, на Олимписките игри во Берлин во 1936 година беше продаден на аукција за 488.000 долари, што е рекордна сума за сребрен медал. Лонг остана запаметен и како германски спортист што му пркосеше на фирерот Адолф Хитлер бидејќи одеше под рака со победникот во скок во далечина, легендарниот Американец Џеси Овенс.

Тој момент кој е еден од највпечатливите во историјата на олимпизмот, од трибините на Олимпискиот стадион во Берлин го следеше токму Хитлер.
Семејството на Лонг, кој загина во Втората светска војна, одлучи да ги продаде на аукција медалот и останатите колекционерски предмети што му припаѓаа на Германецот.

„Овој медал и предметите ја раскажуваат неверојатната приказна за Лук Лонг, најхрабриот олимпиец“, изјави претседателот на аукциската куќа СЦП аукции, Дејвид Колер.
Лонг исто така стана херој на олимпизмот бидејќи беше првиот спортист што му честиташе на Џеси Овенс за победата во скок во далечина. Овенс освои четири златни медали на Олимписките игри во Берлин, а неговиот успех го урна митот на нацистите за супериорноста на ариевската раса.

„Беше потребна голема храброст за да се спријатели со мене во тоа време. Можете да ги истопите сите медали и трофеи што ги имам, но тие нема да бидат дел од ’24-каратното пријателство’ што го чувствував за Лук Лонг во тој момент. Хитлер сигурно збесна гледајќи нè како се прегрнуваме“, изјави Овенс неколку години подоцна.

- Оглас -

Најнови вести