Фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 21 година немаше многу среќа во ждрепката за Европското првенство 2027 и за противници ги доби Италија, Полска, Шведска, Црна Гора и Ерменија.
Новиот селектор на оваа генерација, Горан Станиќ, вели дека групата е тешка, но верува во квалитетот на фудбалерите.
„Извлековме тешка група, покрај фаворитот Италија, од вториот и третиот шешир ги добивме најтешките противници, Полска и Шведска. Во нашата група уште се и Црна Гора и Ерменија, репрезентации кои не се нималку наивни. Мора да размислуваме позитивно и да бидеме оптимисти. Претходно нагласив дека максимално верувам во оваа генерација. Можеме и имаме квалитет да ѝ парираме на секоја репрезентација. Наредниот период сè до почетокот на квалификациите во септември треба да го искористиме на најдобар можен начин за да се подготвиме најдобро што можеме и самоуверено и храбро да го дочекаме почетокот на претстојните квалифкации. Битно е фудбалерите да веруваат во своите квалитети, да бидат максимално фокусирани на претстојните предизвици, а другото ќе дојде на свое место. Одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, верувам дека нема да ги разочараме нашите фанови и љубителите на фудбалот во Македонија”, вели селекторот Станиќ по ждрепката.