Стојанче Стоилов е спортист број 1 во Скопје

Град Скопје во соработка со Сојузот на спортови на Скопје за најдобар спортист на главниот град во Македонија за 2019 година го прогласија ракометарот Стојанче Стоилов, капитен на РК Вардар, кој годинава ги освои Лигата на шампионите и СЕХА-лигата. Стоилов триумфираше пред Могамедгаџи Нуров, кој освои трето место на СП во борење и освои олимписка норма за Токио 2020.

Сара Радичевска, каратистката на Макпетрол, е спортистка на годината во Скопје, а наградата ја заслужи со второто место на Европските универзитетски игри.

Суфијан Исмаили од боречкиот клуб Лирија е избран за најдобар тренер, додека Бесир Алили беше прогласен за најдобар младинец, а тенисерката Александра Симева за најталентиран младинец. Меѓу талентите кои треба во иднина да нѐ радуваат на успеси се и младинците: каратистот Петар Спасеновски, кој имаше златен медал од ЕП во У-21, таеквондистот Филип Додевски од Бутел, кој освои бронза на ЕП во У-21 и злато на Светското клупско првенство, каратистката на Макпетрол Ангела Мојсовска, која го освои петтото место на Светското првенство во У-21, а беше и бронзена на Европските универзитетски игри. Тука е и петопласираната Миа Тодорова од Кик бокс клубот Шампион, која стигна до бронзата на Светското првенство.

Ракометарот на Вардар Даинис Криштопанс беше добитник на наградата за најдобар странец кој настапува во екипа од Скопје, а РК Вардар повторно е најдобар клуб во Скопје.

Марио Мицковски од Специјалната олимпијада е најуспешен спортист во категоријата на лица со посебни потреби.

- Оглас -

Најнови вести