Продолжува феноменалната игра на Рајо Вајекано на домашен терен во шпанското првенство, откако попладнево со 2:0 го победија Алавес. Гвардиола и Катена погодија уште во првите 30 минути од мечот и предноста од два погодоци, домаќините ја задржаа до крајот.
Стандардно на голот на Рајо Вајекано беше македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски, кој повторно ја заштити својата мрежа.
Рајо е тим со најдобар биланс на домашен терен и тоа не само во Шпанија, туку во сите од Топ 4 лигите во Европа.
Ова беше осми меч за Рајо пред домашна публика и стигна до седмата победа, а има само едно реми, без ниту еден пораз и гол разлика од 17 дадени и само три примени гола. Реал Мадрид е втор во Шпанија според билансот на свој терен. Кралскиот клуб во осум дуели има шест победи и две нерешени, што значи дека освои два бода помалку од Рајо.
Баерн Минхен во Германија во девет меча на свој терен има осум победи, но и еден пораз (29:6 гол разлика). Во Премиер лигата, Манчестер сити во девет меча има седум победи и по едно реми и пораз, додека во Италија најдобриот Интер во осум меча е со шест победи и две нерешени.