Стоп за ракометот во земјата што е велесила, нема да се игра до 22. мај

Ракометниот сојуз на Хрватска, ХРС, ги прекина натпреварувањата во машката и женската лига и нема да се играат домашни натпревари до 22. мај.

Причина е што повторно букна пандемијата со корона-вирус, а капак беше елиминацијата на хрватскиот првак ППД Загреб од Лигата на шампионите без игра. Фленсбург се пласираше во четвртфиналето, откако загрепчани не можеа да соберат ниту една постава со ракометари, поради преголемиот број на заразени ракометари со Ковид-19.

„Ќе мора да ги прекинеме првенствата и во меѓувреме до 22. мај да се спроведе процес на вакцинација. Сега е хаос со Ковид-19 и има преголем број на заразени ракометари и ракометарки, но и закана за дополнително ширење на заразата. Не смееме да ризикуваме со здравјето на сите што играат во домашните лиги“, објавија од ХРС.

Планот е да не се игра до 22 мај, а потоа во рок од еден месец да се доиграат 11-12 кола, што значи дека ќе се игра во пеколно темпо на секои три-четири дена за да се завршат двете првенства во машка и во женска конкуренција.

 

 

- Оглас -

Најнови вести