Страдање на фаворитите во НХЛ, испадна и Калгари

Колорадо авеланш ја продолжи серијата неочекувани елиминации на фаворитите, ноќеска пак го декласира Калгари и со триумф од 5:1 на гостински терен го исфрли од игра за титулата првиот носител во Западната конференција.

Колорадо во последен миг го фати возот за плејофот како осмопласирана екипа на Западот, а одигра беспрекорна серија против фаворизираниот канадски состав.

Предводени од Колин Вилсон, кој постигна два гола и имаше една асистенција Колорадо го декласира Калгари и ја затвори серијата со резултат од 4:1. Авеланш за првпат по 2008 година добија плејоф серија и ќе играат во второто коло против победникот од Сан Хозе шаркс и Вегас голден најтс.

Судбината на Флејмс претходно ја доживеа и најдоброрангираната екипа на Истокот, Тампа Беј со дебакл и метла од 4:0 од Колумбус блу џекетс. Истото му се случи и на шампионот од 2015/16 и 2016/17 Питсбург кој загуби со убедливи 0:4 од Њујорк ајландерс.

Ноќеска Торонто мејплифс направи брејк против Бостон на гостински терен, славеше со 2:1 и сега води со 3:2 во победи и ќе игра на свој терен за нов триумф и пласман во второто плејоф коло во Источната конференција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести