Стразбур го посрамоти Монако на „Луј Втори“

Монако загуби на домашен терен со убедливи 5-1 против Стразбур во 21. коло во Лига 1. Фудбалерите на Тиери Анри се посрамотија пред свои навивачи, бидејќи Стразбур освари двојна победа сезонава против шампионот на Франција од сезоната 2016/17.

Домаќините уште од стартот на средбата на „Луј Втори“ наидоа на проблеми. Во седмата минута Налдо доби директен црвен картон, а со играч повеќе Стразбур успеа да постигне два гола пред 20-тата минута. Фалкао во 22-та минута им даде надеж на „кнезовите“, но гостите во вториот дел остварија сигурна предност, откако за пет минути Сисоко и Ажорке реализираа за 4-1. Во финишот од средбата Фофана го постави конечниот резултат.

Ова е вкупно 12-ти пораз за Монако сезонава во францускиот шампионат, па со само 15 бода се наоѓаат на 19-тото место кое води во втората по квалитет фудбалска лига во Франција. Стразбур и натаму пријатно изненадува, па сега имаат само два бода заостаток зад четвртопласираниот Лион (34).

Во останатите две средби кои започнаа во 20 часот, Тулуз славеше минимално со 1-0 на гости кај Ним, додека Ница со гол од пенал во деветтата минута од судиското надополнување се избори за реми од 1-1 на гости кај Реим.

- Оглас -

Најнови вести