Суарес го престигна Меси и испиша историја во Јужна Америка

Уругвај со 4:1 ја победи Венецуела во меч од јужноамериканските квалификации за пласман на Светското првенство во Катар. Со оваа победа, Уругвај се зацврсти на четвртото место на табелата и е блиску до пласман на Мундијалот.

На мечот против Венецуела по еден гол дадоа Бентакур, Де Араскаета, Кавани и Суарес. Токму Луис Суарес со овој погодок од пенал испиша историја во квалификациите во Јужна Америка. Тоа беше негов 28-ми погодок во квалификациски меч за Светско првенство, со што го надмина рекордот на Лионел Меси. Ниту еден друг фудбалер нема постигнато повеќе погодоци во мундијалски квалификации во Јужна Америка.

Со овој погодок, Суарес се искачи на четвртото место на вечната листа на стрелци во квалификации за СП. Пред Уругваецот се само Иранецот Али Даеи со 35 голови, Кристијано Роналдо од Португалија со 36 голови и рекордерот Карлос Луис од Гватемала со 39 погодоци во квалификации за Светско првенство.

- Оглас -

Најнови вести