Судијата во ВАР-собата што го потврди пеналот на Англија против Данска, сега „пее друга песна“

Судијата кој беше главен во ВАР-собата за време на полуфиналниот меч од Европското првенство меѓу Англија и Данска, Холанѓанецот Пол ван Бокел, сега вели дека одлуката за најстрога казна во корист на Гордиот Албион била престрого донесена.

Арбитерот се правда дека тој не можел да ја смени првичната одлука на главниот судија на теренот Дани Макели, кој во 104-тата минута покажа на белата точка во корист на Англија. Рахим Стерлинг влезе во шеснаесетникот кога падна, а судијата досуди пенал за Англија. Хари Кејн шутираше и го промаши пеналот, но одбиената топка повторно дојде до него и од втор обид беше прецизен. Со тој гол на Кејн, Англија победи со 2:1 и се пласира во финалето на ЕП, каде што Гордиот Албион загуби од Италија.

Ван Бокел иако ја поддржа одлуката на Макели за пенал во корист на Англија, сега се правда дека контактот бил недоволен за најстрога казна.

„Често се прашувам што ќе се случеше ако јас решев да реагирам. Ги разбирам критиките, но тие не се на моја сметка. Грешката на Макели не беше очигледна и јас ништо не можев да направам. Од единствениот агол што го видов, забележав дека имаше контакт меѓу дефанзивецот и напаѓачот, но мислам дека пеналот беше престрого досуден. Сепак, во таква ситуација морам да го поддржам судијата, таков е ВАР-протоколот“, објаснува судијата Ван Бокел.

 

- Оглас -

Најнови вести