Судир на два тениски света – Серена Вилијамс против Бјанка Андрееску за титула во Њујорк

Серена Вилијамс ќе го игра 101-то финале во кариерата, десетто во Њујорк на Отвореното првенство на САД, против речиси двојно помладата од себе Бјанка Андрееску, по победите на двете финалистки со по 2:0 во сетови против Елина Свитолина, односно Белинда Бенчиќ.

Мечот за титула ќе се игра утре, а е судир на две сосема различни генерации и меѓу 37-годишната жива легенда на женскиот тенис, Серена Вилијамс, со многу титули и рекорди, и канадската сезнација која има 19 години и ќе го игра првото гренд слем финале.

Патот до финалето беше сосема различен откако Серена ја декласира Свитолина со 6:3, 6:1, а Андрееску се намачи, но сепак славеше против Бенчиќ со 7:6, 7:5.

Двете тенисерки играа неодамна, и тоа меч за титула на популарниот Роџерс куп во Торонто, а пехарот го доби помладата тенисерка, речиси без борба, откако Вилијамс се предаде при негатива од 1:3 во првиот сет. Сега ќе имаат можност да си ги одмерат силите за нов пехар, овојпат позначаен во финале што е историско.

Дуелот за титулата ќе биде меѓу две тенисерки со најголема разлика во години во историјата на Отворените првенства во тенисот.

Серена има вкупно 23 пехари од сите четири гренд слема во поединечна конкуренција, или вкупно 39 во сите конкуренции, а Бјанка ќе бие битка за својот прв пехар од четирите најценети светски тениски турнири.

- Оглас -

Најнови вести