Стручната судиска анализа од првенствениот дерби-натпревар од 12-тото коло на Првата МФЛ меѓу екипите на ФК Пелистер и ФК Вардар покажа дека судиите добро ја завршиле работата.
Четири клучни одлуки, проценети правилно и прикажани високо квалитетни судиски перформанси од судискиот тим.
Првата ситуација е во 42-рата минута, кога топката удира во рака на одбранбениот играч на домашната екипа која е во природна положба, без зголемување на волуменот на телото и без намера. Притоа топката е упатена од многу кратко растојание и топката удира во раката на одбранбениот играч, односно одбранбениот играч не игра со рака на топка. Главниот судија е во непосредна близина, има јасна прегледност и целосна контрола над ситуацијата и носи правилна одлука играта да продолжи.
Втората ситуација е во 60-тата минута, при постигнувањето на израмнувачкиот гол за домашната екипа. Во моментот на шутот кон голот, домашниот напаѓач со бр. 8 е скоро еден метар зад одбранбениот играч и по одбиената (одбранетата) топка од голманот, таа се одбива до напаѓачот, кој од дозволена позиција постигнува регуларен гол. Правилна интервенција од ВАР во оваа фактичка ситуација и потврдување на постигнат регуларен гол, односно правилно ја коригираат одлуката на првиот асистент судија.
Третата ситуација е во 80-тата минута, односно гостинскиот напаѓач со бр.11 продира непречено до противничкиот казнен простор, влегува во него, по што домашниот играч со бр.8 стартува со намера да ја избие топката, но прави погрешна и задоцнета проценка и го соборува гостинскиот противнички играч со прекршок во нога. Главниот судија отстапува од својата дијагонала на движење, има јасна прегледност и антиципација на ситуацијата и правилно го проценува прекршокот.
Пред самиот крај на регуларниот дел од натпреварот, домашниот капитен со бр. 44 продира странично кон противничкиот казнен простор, по што во моментот на шутирањето на топката одбранбениот гостински играч со бр. 3 го блокира шутот со природно и неказниво движење на телото. Топката удира во задниот дел од телото на одбранбениот играч, кој е во пад и во природно движење, по што импактот од одбиената топка од задниот дел од телото е случаен допир на топката во левата дланка. Главниот судија има целосна непречена контрола и прегледност на ситуацијата и носи правилна одлука за ова неказниво играње со рака.
Судискиот одбор во целост ја потврдува исправноста на сите одлуки на овој натпревар, вклучително и целосното дисциплинско и техничко менаџирање со конзистентен критериум.
Фото и Видео: ФФМ

