Франческо Флаки е добро познато име во италијанскиот фудбал, но не само од причини што поседуваше огромен голгетерски потенцијал.
На некогашната ѕвезда на Сампдорија предвреме му заврши кариерата поради 12-годишна суспензија за конзумирање кокаин, иако навивачите на клубот од Џенова го паметат како трет најдобар стрелец во историјата на Сампдорија со 110 гола. Неговото име во оваа категорија стои веднаш до легендите Роберто Манчини и Џанлука Вијали, меѓутоа неговите погрешни одлуки му ја зацрнија кариерата во моменти кога требаше да го облече националниот дрес на Италија.
Животот на Флаки му се смени во јануари 2007 година, кога непосредно пред натпреварот против Интер, неговиот тест за допинг покажа позитивни резултат за тешкиот наркотик. Поради тоа доби суспензија од две години, што значеше крај за неговото присуство на големата фудбалска сцена.
Флаки по првата суспензија се обиде да ја оживее кариерата во Серија Б во дресовите на Бреша и Емполи, но не му беше потребно многу време за повторно да „падне“ на тест за наркотици. Во декември 2009 година, Флаки повторно беше позитивен на кокаин, по што му беше одредена 12-годишна суспензија.
Но, на таа суспензија наскоро ќе му дојде крајот, поточно во јануари 2022 година, кога Флаки планира на своја 46-годишна возраст да му се врати на фудбалот. Планот е да заигра за аматерскиот клуб Сиња 1914, каде што во меѓувреме помагаше и го делеше своето фудбалско знаење во младинските категории. Од обична шега со сопственикот на овој клуб, Андреа Балјерани, настана идејата Флаки повторно да облече копачки и да заигра фудбал, па дури и тоа да е на аматерско ниво.

