Германците предводени од Денис Шредер кој даде 20 поени, го совладаа Бразил со 86-73 на машкиот кошаркарски турнир на ЛОИ во Париз, и сигурно одат во четвртфиналето.
Во третото коло, актуелниот светски првак Германија и домашната Франција која беше финалист на претходните ЛОИ, ќе решаваат кој ќе биде прв, а кој втор во групата.
Французите денеска се спасуваа против Јапонија, но победија благодарение на „чудото на Метју Стразел“. При 84-80 за Јапонците, Стразел даде тројка и притоа беше фаулиран на 10,2 секунди до крајот, го погоди и дополнителното фрлање за изедначување, Јапонија имаше неуспешен обид за тројка, па се отиде во продолжение во кое блесна Виктор Вембањама со 8 поени по ред, додека Стразел стави точка со две слободни фрлања.
Погледнете ги најинтересните моменти од мечот Франција – Јапонија, а тројката под фаул на Стразел која е потег на денот на кошаркарскиот турнир, е на 2:04 минута од снимката: