Меси не игра, може ли Мец да ја прекине кошмарната серија против ПСЖ?

Лионел Меси нема да игра за Пари Сен Жермен вечерва од 21 часот на гостувањето кај Мец. Потврда за отсуството на Меси стигна од самиот клуб, а причина е повредата на левото колено.

Иако не игра на препознатливо ниво во новиот клуб, отсуството на Меси е голем удар за ПСЖ, а растат и шансите на Мец да ја прекине серијата од 11 порази по ред против популарните Светци.

Последен пат Мец го порази денешниот ривал во 2006 година со 1:0 на свој терен и оттогаш има само едно реми на последните 12 меѓусебни дуели.

Аргентинскиот ас беше повлечен од игра на претходниот дуел на ПСЖ против Лион во неделата, а потегот на Маурисио Покетино да го извади Меси од игра предизвика многу полемики.

Лео не се поздрави со сонародникот и беше лут поради замената, а потоа приказната дополнитено се разгоре со реакција на еден од шеиците кои раководат со клубот.

Беше објавено дека Покетино добил предупредување во иднина да не го вади од игра Меси, но на крајот приказната заврши со информација дека Лионел е повреден и вечерва нема да игра против Мец.

Меси пристигна во ПСЖ ова лето како големо и бесплатно засилување за францускиот тим, но периодот на адаптација на новата средина не оди според очекувањата.

Лео сè уште не постигнал гол за ПСЖ, а сега и се повреди, па не се знае точно колку ќе паузира.

- Оглас -

Најнови вести