Талески оптимист: Вардар е тим кој никогаш не се предава, така ќе биде и против Мешков

Со приматот актуелен европски првак, Вардар ја стартува и новата сезона во Лигата на шампионите. Поради пандемијата со корона-вирусот, уште не е одигран последниот Фајнлфор, па Црвено-црните повеќе од една година се на континенталниот трон.

Сепак, реално Вардар е далеку од шампионскиот тим, но борбениот дух и фактот дека македонскиот првак никогаш не се предава е доволен да очекуваме голема борба на дуелот во Брест против домаќинот Мешков. Филип Талески, кој летово дојде во тимот од „Јане Сандански“, очекува борба до последната минута.

„Почнува нова сезона. Играме со позната екипа. Со години наназад играме против Мешков и во СЕХА и во ЛШ. Се знаеме многу добро со нив. Неодамна ги гледавме на фајнлфорот на СЕХА во Задар. Максимално сме подготвени, а малку невообичаено за нас беше што последните мечеви ги игравме без публика. Сепак, во Брест ќе има публика и за домаќините тоа ќе биде биде голем плус. Вардар во изминатите години покажа дека каде и да игра, нема предавање, секогаш се дава максимумот. Секогаш се игра до последна минута и се надевам на добар резултат и да ја отвориме сезоната со позитивна атмосфера. Мислам дека сме свесни што не чека и што значи да се игра за Вардар“, изјави Талески непосредно пред денешното заминување за Белорусија.

Вардар во Белорусија отпатува со вкупно 23 члена од тимот, вклучувајќи 17 играчи. Во Скопје останаа Томислав Јагуриновски, Мартин Карапалевски и Давид Гашовски. Мечот против Мешков Брест се игра во 18:45 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести