Тажна приказна, но спортскиoт дух не се предава: Освои две олимписки злата, а сега не може да оди

На Олимписките игри во Лондон во 2012 година, германската велосипедистка Кристина Фогел го освои тимското злато во спринт. Четири години подоцна, на Игрите во Рио де Жанеиро го повтори тој успех, но во поединечна конкуренција.

Освен двете олимписки злата, Фогел дури 11 пати била и светска шампионка. Покрај сите овие успеси, животот само за еден миг целосно ѝ се промени. Летово, на еден тренинг во спортскиот центар во Котбус, таа падна ѝ се здоби со тешки повреди на рбетот и градите.

„Си зборував самата себеси ‘диши, диши, диши’. Кога си ги соблеков патиките, веднаш знаев дека повеќе нема да можам да одам. Но, што е тука е. Солзите нема да ми помогнат. Подготвена сум за новиот предизвик и ќе се обидам да извлечам нешто и од тоа“, вели несреќната 27-годишна Германка, која за првпат јавно потврди дека веќе никогаш нема да може да оди.

Таа вели дека е среќна што била спортистка и знае како е да се бори за да се добие нешто. Сега се обидува да ги мотивира сите оние кои претрпеле слична несреќа.

„Прашањето ‘зошто мене ми се случи’ нема ништо да ни донесе и да ни промени. Сакам да се вратам повторно во живот, а тоа не зависи од никого, освен од самата јас. Морам да ја користам силата која ја имав за време на натпреварувањата“, додава несреќната Кристина, која во 2009 година имаше тешка сообраќајна несреќа, кога со велосипедот се судри со минибус, па одреден период поминала во индуцирана кома. Таа битка Фогел ја добила, а сега ја очекува уште поголема животна борба.

- Оглас -

Најнови вести