Тебас потврди: Ла Лига стартува на 11 јуни со дербито на Севилја

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, потврди убави вести какви што фудбалските љубители со нетрпение ги очекуваа. Шампионатите во првата и втората дивизија ќе продолжат со натпреварување во четврток на 11 јуни. Ла Лига стартува на споменатиот датум, а честа да ја отворат ќе ја имаат андалузиските ривали Севилја и Реал Бетис.

Оваа одлука се донесе денес по неколкучасовниот состанок меѓу раководството на Ла Лига и клубовите на двете дивизии. Исто така е потврдено дека преостанатите 11 кола од најелитното шпанско првенство ќе се комплетираат до 19 јули, додека до 2 август ќе бидат познати и новите учесници во Ла Лига, кои преку плејоф во Втората лига ќе се борат за пласман.

Она што посебно возбудува е фактот што натпревари ќе се играат секој ден за да се стигне поставениот рок. Од следната недела клубовите ќе започнат со комплетни тренинзи, а воедно ќе се придржуваат до протоколот за заштита од ковид-19.

Како што е познато, Ла Лига привремено ја прекина сезоната кон средината на март поради пандемијата со корона-вирусот. По 27 натпревари, Барселона ја држи лидерската позиција на табелата со 58 бода, два повеќе од ривалот Реал Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести