Тејтум како Бирд, Бостон обезбеди плејоф, Бруклин без тренер изненади во Ел-Еј (видео)

Со подвигот на Џејсон Тејтум, Бостон го осигура пласманот во разигрувањата по победата од 114:111 на гостувањето кај Индијана. Тејтум го повтори учинокт на легендарниот Лери Бирд на последните пет последователни гостувања да реализира 30 или повеќе поени, а Селтикси се трета екипа од Истокот по Милвоки и шампионот Торонто, кој резервира место во плејофот.

Иако Бостон влезе со +14 во последниот период, Индијана на две минути до крајот успеа да ја надополни негативата и да приреди неизвесна завршница. Сепак, тимот на Бред Стивенс не дозволи трудот да биде залуден откако имаше водство во текот на целиот меч, па Смарт врза четири поени во последните дваесетина секунди за триумфот.

Тејтум на 30-те поени надополни шест скока, Хејворд запиша дабл-дабл од 27 поени и 10 скока, додека Сабонис беше најрасположен играч од редовите на Пејсерс со 28 поени.

Бруклин нетс изненади во „Стејплс центарот“ со минималниот триумф од 104:102 против западниот лидер ЛА лејкерс. Екипата која пред четири дена го отпушти главниот тренер Кени Еткинсон, со привремениот предвоник Жак Вон одлично се снајде против најефикасниот состав на Западот.

Спенсер Динвиди запиша солидни 23 поени против Езерџиите, а го постигна и решавачкиот кош на 23 секунди до крајот со кој Нетс поведоа и воедно го потврдија изненадувањето во Лос Анџелес. Леброн Џејмс остана краток за една асистенција да забележи трипл-дабл учинок, а средбата ја заврши со 29 поени и 12 скока.

Останати резултати:

Вашингтон 122:115 Њујорк, Чикаго 108:103 Кливленд, Хјустон 117:111 Минесота, Мемфис 115:120 Орландо, Сан Антонио 119:109 Далас, Портланд 121:105 Феникс, Голден стејт 107:131 ЛА клиперс.

 

- Оглас -

Најнови вести