Манчестер јунајтед катастрофално ја започна новата сезона. За прв пат по 34 години, тимот загуби на три од првите пет меча во домашното првенство, а цели 37 години немал четири порази во стартните шест средби во исте натпреварувања.
Следен ривал на Црвените ѓаволи ќе биде Барнли и тоа на гостински терен, а тренерот Ерик тен Хаг е уверен дека неговиот тим може да победи.
„Ова е мојата втора година овде и знам дека не е можно само да се победува, дека ќе има препреки, но тие препреки треба да те направат посилен. Тоа сакаме да го правиме сите ние во соблекувалната. Знаеме дека ќе има подеми и падови и заедно сме во тоа. Сите сме обединети и ќе се бориме за Манчестер Јунајтед. Во овој тим треба да победувате на секој натпревар за да го промените менталитетот. Како и секогаш, сега ќе биде важно како ќе играме против Барнли. Натпреварот нема да биде лесен. Знаеме колку интензивно играат и морам да кажам дека ми се допаѓа нивниот пристап. Ми се допаѓа интензитетот и динамиката, но мораме да го покажеме најдоброто од нашата игра за да победиме“, вели Тен Хаг.