Тен Хаг со крпен тим ќе игра против Ливерпул, дали мечот на „Енфилд“ ќе му биде последен како тренер на Манчестер јунајтед?!

Манчестер јунајтед со синоќешниот пораз од Баерн Минхен од 0:1 го заврши настапот во Лигата на шампионите, а поради елиминацијата и очајните игри на екипата оваа сезона, под голем притисок се наоѓа менаџерот Ерик тен Хаг.

Англиските медиуми пишуваат дека Тен Хаг би требало да добие последна шанса викендов да ја спаси работата, но за тоа ќе му биде потребно чудо бидејќи му гостува на најголемиот ривал во Премиер лигата, Ливерпул, а згора на тоа има огромни проблеми со составување на тимот.

Хари Мегваер и Лук Шоу се повредија на дуелот против Баерн и голема е веројатноста да не настапат на најголемото англиско дерби.

Покрај тоа, Бруно Фернандеш во минатото коло го заработи петтиот жолт картон и нема да биде во комбинација за настап. На листата на повредени играчи кои сигурно нема да настапат на неделниот натпревар се и Казеримо, Лисандро Мартинес, Кристијан Ериксен, Тајлер Маласија, Виктор Линделоф и Мајсон Маунт.

Неизвесна е и ситуацијата и со Маркус Рашфорд, кој синоќа не беше во тимот за дуелот со Баерн, а во последно време поради лошата форма натпреварите ги започнуваше од клупата за резервни играчи.

Според медиумите, потенцијалниот состав на Манчестер јунајтед за дуелот со Ливерпул, кој игра одлично, би можело да изгледа вака: Онана, Дало, Еванс, Варан, Регулон, Амрабат, Мектомини, Антони, Мејбри, Гарначо и Хојлунд.

Доколку Манчестер јунајтед настапи во овој состав, навивачите стравуваат дека може да им се повтори катастрофата од минатата сезона, кога загубија со 7:0.

- Оглас -

Најнови вести