Тешко на обложувалниците во Лас Вегас, ако Феникс санс стане првак на НБА

Речиси 30 проценти од сите уплати во обложувалниците во Лас Вегас за шампион на НБА-лигата биле дека титулата ќе ја освои Феникс санс, а дури 55,2 отсто од обложувачите ставиле пари дека Санс ќе биде првак на Западната конференција, иако сега квотите се многу паднати во однос на почетокот.

Ова значи дека доколку Сонцата го освојат шампионскиот прстен во најсилната кошаркарска лига на светот, исплатата ќе биде огромна.

Феникс сезонава ја почна со три порази на првите четири меча, а потоа врза 18 победи по ред и ги расчисти дилемите дали сезонава се способни да стигнат далеку. Регуларната сезона ја завршија со 64 победи и 18 порази, што е дури за осум победи подобро од второпласираниот Мемфис. Ваква разлика од првиот до вториот немало 22 години.

Феникс санс во своите редови го има првиот асистент Крис Пол, одличниот поентер Девин Букер, добриот центар Деандре Ајтон, на клупа има продуктивни резерви, а Монти Вилијамс е „фикс“ за тренер на сезоната.

Освен на Феникс, имало уплати и на Мемфис, Денвер и Голден стејт за шампиони на Западот. Од источните тимови, најголеми уплати имало на Филаделфија, Бостон, Мајами, Милвоки, дури и на Бруклин, кој треба да игра и плејин за да влезе во плејоф. Но, кој и да биде ривал на Феникс во големото финале, обложувачите не му даваат големи шанси за успех.

- Оглас -

Најнови вести