Тинејџерите се во мода, Перес ги сака најдобрите

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, на списокот со трансфер-желби ги додаде двете најголеми тинејџерски сензации во моментов. Првиот човек на најуспешниот европски клуб планира да инвестира во офанзивците на Борусија Дортмунд и Ред бул Салцбург, Џејдон Санчо и Ерлинг Браут Халанд.

Овој план Перес ќе го спроведе по крајот на оваа сезона, кога ќе имаат повеќе време за преговори со германскиот, односно австрискиот клуб. Деветнаесетгодишните Санчо и Халанд моментално се најголем хит во Европа, а во изминатиов период во мода е да се прават големи инвестиции за млади играчи.

Санчо е еден од клучните играчи на Милионерите и вистинска атракција е да се гледаат неговите партии во Бундеслигата. Англичанецот оваа сезона ја пренесе одличната форма од лани, па на вкупно 11 настапи запиша четири гола и седум асистенции во сите натпреварувања.

Халанд досега во повеќе наврати се најде на насловните страници на најпознатите европски спортски медиуми, што е сосема заслужено ако се земе предвид неговата голгетерска форма од 19 погодоци на 16 натпревари за австриските Црвени бикови.

И за двајцата постои огромен интерес од неколку гиганти, но кога Реал ќе чукне на врата, тешко дека постои фудбалер кој може да го одбие Кралскиот клуб. Идното лето ќе биде доста интересно, а ќе мора да почекаме дали великанот од Мадрид ќе успее во намерата да ги спои двете млади сензации.

 

- Оглас -

Најнови вести