Шокантниот трансфер на Лука Дончиќ од Далас маверикс во ЛА лејкерс предизвика вистински земјотрес во НБА-лигата, а пред крајот на рокот за трејд, кој трае до четврток во 21 часот, може да се случи уште една трансферна бомба.
Погледите се насочени кон Кевин Дурант, кој е на прагот да замине од тимот на Феникс санс. Со еден од најдобрите играчи во историјата на американската кошарка се поврзуваат многу клубови, а засега најконкретни се од Голден стејт вориорс, за коишто играше од 2016 до 2019 година и освои две титули.
На Феникс резултатски не им оди баш најдобро на Западот, на Дурант му останува уште една година од договорот, а имајќи го предвид неговото животно доба, јасно е дека е идеален момент да премине во клуб со повисоки амбиции.
За српската и за јавноста во овој регион на Балканот, интересен е и случајот на Богдан Богдановиќ, кој ниту на синоќешниот натпревар на Атланта хоукс против Детроит пистонс не беше дел од стартната петорка на франшизата од Џорџија.
Ова беше четврти последовен натпревар во којшто капитенот на кошаркарската репрезентација на Србија не најде место во стартниот тим, што ги подгреа шпекулациите за можен трејд, за што веќе се шпекулира во НБА-круговите.
Богдановиќ има цврст договор со Атланта до 2027 година, но сѐ повеќе се појавуваат знаци дека пред да истече неговиот договор, може да замине во некоја друга екипа во НБА-лигата.