Тоа е моќта на европскиот првак: Вардар го растури Мотор и се пласираше во осминафиналето од ЛШ

Вардар е во најголемата криза во последните неколку години, но и во таква ситуација Црвено-црните покажаа како се игра за боите на актуелниот европски првак. Македонскиот и европски владетел убедливо со 38:28 го победи Мотор Запорожје во меч од 12. коло на Лигата на шампиони.

Со оваа победа Вардар си обезбеди и место во осминафиналето од елитната Лига на шампиони, бидејќи на крајот од групната фаза, најмлаку ќе биде на шестото место, што е доволно за влез во нокаут системот. Вардар сега има 11 бодови и сигурно ќе заврши пред Мешков Брест и Мотор Запорожје на крајот.

Денешниот дуел во „Јане Сандански“ започна со гол на гостите. Мотор поведе со 1:0, но тоа беше прв и последен пат Вардар да е во негатива. Со серија од 4:0, Вардар стигна до плус 3, а во 8 минута веќе беше 7:2 за македонскиот првак. До крајот на првото полувреме Вардар ја задржа предноста од 5 гола (16:11).

Каде што застанаа во првото полувреме, Вардар продолжи и во вториот дел. Предноста на Вардар растеше, па во 51 минута стигна и до 10 гола предност (33:23), за релаксирани последни 9 минути. Со оваа победа, Вардар ја прекина лошата серија од четири порази и едно реми во последните пет меча во ЛШ.

Скубе со 8 гола беше најефикасен во составот на Вардар, додека по пет пати во листата на стрелците се запишаа Чупиќ, Дибиров и Горбох, додека младиот голман Кизиќ имаше 9 одбрани.

Во останатите два денешни меча од ЛШ, Монпелје славеше против Мешков Брест со 30:26, а Елверум дома загуби од Фленсбург со 28:34.

- Оглас -

Најнови вести