Тодоров: Бевме изненадени од поразот на Италија

Македонската кошаркарска репрезентација после денешните мечеви во кои нашата селекција загуби од Русија, а Естонија ја совлада Италија, има само мали теоретски шанси да се најде на Евробаскетот 2022 година. Селекторот Александар Тодоров, рече дека поразот на Италија од Естонија делувал негативно на психолошки план во македонскиот тим, бидејќи станало јасно оти ќе ни требаат две победи за место на ЕП.

„Тешко беше да се сконцентрираме и психолошки да се подготвиме, не толку во однос на нашиот противник Русија, колку што нè изненади првиот меч од денешната програма, меѓу Естонија и Италија. Мислевме дека одлучувачки ќе биде нашиот дуел со Естонија, но додека се подготвувавме во соблекувалната, ја дознавме лошата вест, дека ќе ни требаат две победи за да се пласираме на Европското првенство“ – рече Тодоров.

Македонскиот национален тим беше убедливо натскокан од Русите, дополнителен малер беше повредата на Дамјан Стојановски.

„Без оглед на сè, мораме да ги кренеме главите и да продолжиме понатаму. Ни претстои слободен ден, а потоа два натпревари во два дена кои ќе одлучат. Играме за нашата земја и тоа е најголема мотивација. За жал, лошо ги почнавме овие квалификации и сега поради еден лош натпревар во Скопје против Естонија го губиме целиот циклус“ – изјави Тодоров.

- Оглас -

Најнови вести