Тодоров ги откри картите, списокот со неколку изненадувања

Машката сениорска репрезентација на Македонија на 20 и 23 февруари ќе ги одигра првите два натпревари од квалификациите за Европското првенство во 2021 година, а селекторот Александар Тодоров денеска го објави списокот на кандидати на кои смета за мечевите со Естонија дома и три дена подоцна со Русија на гости.

Првиот натпревар е закажан за 20 февруари во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 20.15 часот. Вториот е предвиден за 23 февруари во Перм, во 16 часот, против ослабената Русија.

Тодоров избра 15-мина кошаркари на кои ќе смета за време на подготовките и натпреварите. Тоа се: Војдан Стојановски (Гравелин-Данкерк-Франција), Шејн Витингтон (Реал Бетис-Шпанија), Стојан Ѓуроски (Евре-Франција), Ненад Димитријевиќ (Хувентуд-Шпанија), Андреј Јакимовски (РМ Баскет Торино–Италија), Марко Миловановиќ (Јуве Кремона Баскет–Италија), Андреј Магдевски (МЗТ Скопје Аеродром), Андреј Маслинко (МЗТ Скопје Аеродром), Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром), Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром), Кристијан Николов (МЗТ Скопје Аеродром), Љубомир Младеновски (Работнички-Скопје), Виктор Ефремоски (Работнички-Скопје), Филип Бакоч (Еуро Никел 2005–Кавадарци), Марко Симоновски.

Со ова Тодоров потврди дека ќе го подмлади тимот. Според распоредот на активности, утре е заедничка вечера, а со тренинзи се почнува в четврток, во 12 часот. Тренинзите ќе се одвиваат во салата во која ќе ги нагостиме Естонците. В недела на 16 февруари репрезентацијата ќе одигра тренинг-меч против Гостивар.

- Оглас -

Најнови вести