Тодоров си заминува: Задоволство ми е што бев дел од нешто што ќе трае во следните 10-15 години

Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија не обезбеди пласман на Европското првенство, а по овој неуспех, селекторот Александар Тодоров најавува дека ќе го напушти кормилото на националниот тим.

Осум поени им фалеа на Црвено-жолтите за да бидат дел од ЕП 2022. Тодоров во првичната анализа за овој квалификациски циклус вели дека кај него се измешани разочарувањата и задоволството.

„Ако се осврнеме наназад на овие шест натпревари од овие квалификации, можам да кажам дека има два спротивставени моменти: едниот разочарувањето поради необезбедувањето пласман на ЕП и вториот огромното задоволство дека бев дел од нешто ново што се создава и што ќе трае во наредните 10-15 години. Имаме два порази во израмнети до последните минути, средбите со Русија и Италија. Имавме еден крајно лош натпревар со Русија, ама имаме и две победи, а и едно катастрофално лошо полувреме во Скопје во првиот натпревар во овој циклус кои нè оставија да го гледаме следното ЕП дома“, смета Тодоров.

„Кога за првпат ја добив понудата за селектор, ми требаше речиси еден месец да одлучам дали сакам да се впуштам во една нова авантура, посебно што првичниот впечаток и мој и на луѓето со коишто разговарав беше дека речиси минимални се шанси за макар и една победа. Сепак, од денешен агол, ако повторно е ноември 2019 годин, и ја добијам истата таа понуда, сигурен сум дека пак би ја прифатил бидејќи навистина ми беше задоволство да работам со оваа група играчи, независно од крајниот резултат. Запознав десетина млади играчи, кои не само што не ги имав тренирано, а воопшто не ги ни познавав, и сигурен сум дека со нив, но 3-4 години постари, веќе во 2025 година Македонија ќе биде дел од Евробаскетот, и тоа не само во улога на аутсајдер“, додава Тодоров.

Тодоров жали што во Перм ги немаше Андреј Јакимовски, Андреј Маслинко и Марко Симоновски.

„Навистина жалам што го загубивме Андреј Јакимовски за овој циклус, сигурен сум дека тука во Перм ќе можеше да ни помогне по 15-20 минути на натпревар. Ни недостасуваа и Маслинко и Симоновски, кои ќе ни дадеа поголема ротација во овој луд циклус на четири средби во пет дена, но тоа е што е. Сите 15-мина играчи кои беа тука го дадоа својот максимум. Знаете дека ниту еден од нив не беше принуден да игра за репрезентација под закана од казни и санкции. Четворица од нив одлежаа 14 дена карантин во Естонија само заради желбата да играат за националниот дрес. И тоа се тие нешта што ме прават да сум горд што бев нивен тренер“, заклучува Тодоров.

- Оглас -

Најнови вести