5.8 C
Skopje
сабота, 15 ноември 2025

Толку беше трпението, Фиорентина го избрка Пиоли

Италијанскиот калчолигаш Фиорентина потврди дека Стефано Пиоли е ослободен од тренерската должност во клубот. Виолетовите за привремен тренер веднаш го поставија Даниеле Галопа.

Фиорентина очајно ја започна сезоната во Серија А. По 10 одиграни кола, тимот е на последното место на табелата без ниту една победа и само со четири освоени бода. Ова е само третпат во вековната историја на Фиорентина една сезона да ја започне без победа во првите 10 кола.

„Фиорентина потврдува дека Стефано Пиоли е разрешен од должноста главен тренер на првиот тим“, се вели во соопштението на тосканскиот клуб. „Клубот сака да им се заблагодари нему и на неговиот тим за професионализмот што го покажаа за време на нивниот престој во Фиорентина. Даниеле Галопа ќе го преземе привременото раководење со првиот тим, почнувајќи со тренинг денес попладне.“

Ова е трета тренерска смена во Серија А од почетокот на сезоната, а сите три се случија од почетокот на минатата недела. Прво Јувентус го отпушти Игор Тудор и го замени со Лучано Спалети, а потоа Џенова го отпушти Патрик Виеира.

Фиорентина следниот меч го игра в четврток, и тоа на гости во Германија против Мајнц, во рамките од Конференциската лига на УЕФА.

- Оглас -

Најнови вести